britanski minister 123

30.06.2023 Скопје

Британскиот министер за животна средина Зак Голдсмит денеска поднесе оставка, велејќи дека премиерот Риши Сунак е „незаинтересиран“ за екологијата.

„Проблемот не е во тоа што владата е непријателска кон животната средина, туку што вие, нашиот премиер, едноставно сте незаинтересирани“, рече Голдсмит.

Тој рече дека да се биде секретар за животна средина било „возбудливо искуство“ и го пофали напредокот што го постигнала ОК во справувањето со климатските промени на меѓународно ниво, особено кога неговиот близок колега Борис Џонсон беше во Даунинг Стрит.

Меѓутоа, во писмото за оставка, кое го објави на Твитер, Голдсмит истакна дека Велика Британија видно отстапила од светската сцена и го изгубила статусот на лидер во областа на климата и заштитата на животната средина.

Според британската агенција, неговите коментари следуваат по извештајот објавен претходно оваа недела од советниците за климата на британската влада, во кој се наведува дека Британија ја изгубила својата позиција како глобален лидер во климатските активности и не прави доволно за да ја достигне целта за јаглеродна неутралност до 2050 година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author