26.06.2023 Скопје
Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, смета дека нема пречки за приклучување на Република Северна Македонија кон Европската Унија.
Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ истакна дека Република Северна Македонија забележува добар напредок и од европска страна нема ништо што би го блокирало нејзиното приклучување кон ЕУ и при приклучувањето ќе бидат почитувани стриктно европските принципи и стандарди. Воедно, додаде дека за тоа е неопходна добра соработка, а регионалната соработка останува суштински елемент, исто како и стабилизацијата за да може да се спроведе пристапниот процес, но билатералните прашања не треба да бидат обврзувачки и нема да го одредат процесот на приклучувањето.
Вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав е условот што го постави Софија за да се согласи на Преговарачката рамка за земјава.
Додека пак, бугарскиот претседател Радев ѝ порача на Република Северна Македонија наместо на политика на лобирање да се посвети на исполнување на условите за приклучување кон Унијата.
Во писмо до европските лидери и институции Радев ги повторува неговите добро познати ставови дека „компромисот меѓу двете држави постигнат со Европската Унија досега не доведе до решавање на проблемите“.
„Наместо да работи на испилнување на условите, Скопје повторно се посвети на активно лобирање за да го прикрие недостатокот на политичка волја за исполнување на критериумите за членство“, истакна Радев.
Бугарскиот претседател обвинува дека се заоструваат нападите и јазикот на омраза против Бугарија, дека се прават „црни списоци“ за забрана на бугарски граѓани да влезат во земјата, дека се поткопуваат правата на бугарската заедница, дека се зачестени случаите на физичко насилство, дека административно и судски се малтретираат луѓето со бугарска самосвест, па дека икма напади врз културните клубови, како и дека Бугарите во Република Северна Македонија постојано се плашеле за своите работни места само затоа што се Бугари.
Исто така, повторно ја споменува Резолуцијата на германскиот Бундестаг како пример за наметнување на наративот и во политичките кругови и во медиумите во Македонија за односите со Бугарија, во кој доминира тезата дека Бугарија не го прифаќа современиот идентитет на Република Северна Македонија.
Бундестагот ја повика Република Северна Македонија да ги усвои уставните измени и да ги впише Бугарите во уставот, а Софија да не поставува повеќе услови за членството на Македонија во ЕУ.
Според Радев, индикативен е случајот со подготвениот извештај на Европскиот парламент за земјава. Притоа тој потсетува дека пред еден месец министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју изјавил дека имал контакти со европратеници од Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент и влијаел на текстот на нацрт-извештајот, вклучувајќи се директно во процесот на изработка со писмени предлози, нешто што никогаш досега не ѝ било дозволено на земја кандидат за членство – да има такво влијание врз работата на европските институции.
Подготвено од А.Ѓ.