16.06.2023 Скопје
По посетата на Илон Маск на Кина претходно овој месец, земјата пречека уште еден американски технолошки милијардер. Бил Гејтс, ко-основач на Мајкрософт и копретседател на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, се сретна со претседателот Си Џинпинг во Пекинг.
Како и Маск, ова е прво патување на Гејтс во Кина откако пандемијата „Ковид-19“ ги наруши неговите чести посети на земјата каде што Мајкрософт е присутен веќе две децении.
Целта на средбата не е објавена, но најверојатно ќе следат официјални извештаи од медиумите.
Гејтс претходно рече дека ќе се сретне со партнери кои работат на глобалните здравствени и развојни предизвици. Ова се неколкуте преостанати области каде Кина и Западот наоѓаат заеднички јазик во услови на зголемени геополитички тензии.
„Ти си првиот американски пријател што го сретнав во Пекинг оваа година“, му рече претседателот на Гејтс. „Додека светот излегува од Ковид, луѓето треба повеќе да се движат, да комуницираат повеќе и подобро да се разбираат“.
Претседателот Си, исто така, му рекол на Гејтс дека Кина е подготвена да се вклучи во „обемна технолошка иновативна соработка со земјите ширум светот“ и „активно да учествува и да промовира одговори на глобалните предизвици“, како што се климатските промени и јавното здравје.
Гејтс е во посета на Кина во необично време. Минатата недела, Financial Times објави дека Microsoft Research Asia (MSRA) со седиште во Пекинг, најголемата група за истражување и развој на технолошкиот гигант надвор од САД, преместува некои од своите врвни таленти за вештачка интелигенција од Кина во Ванкувер за да го ублажи влијанието меѓу Кина и САД
Администрацијата на Бајден размислува за ограничувања на американските инвестиции во најсовремените технологии на Кина, вклучувајќи вештачка интелигенција, полупроводници и квантно пресметување.
Подготвено од А.Ѓ.