uchilishna uniforma

08.06.2023 Скопје

Од престојната учебна 2023/2024 година ќе им бидат обезбедени на основците бесплатни училишни униформи во скопските општини Кисела Вода, Гази Баба и Бутел.

Општина Кисела Вода обезбеди средства во својот буџет во висина од 5 милиони денари кои ќе се потрошат на униформи, како дел од стратегијата за обезбедување на еднакви можности за сите деца.

Прес-службата на општина Кисела Вода соопшти дека во услови кога социјалните разлики се многу изразени, огромните разлики во финансиската моќ на родителите знаат да бидат извор на поделби, па дури и булинг, и поради тоа „Општина Кисела Вода излегува со мерка која треба да овозможи намалување на нееднаквостите во училиштето, и обезбедување на атмосфера во која учениците ќе можат целосно да се фокусираат на своето образование, без разлика на својот економски статус“.

Исто така, 6800 ученици од општинските основни училишта на територија на општина Гази Баба ќе добијат бесплатна униформа.

Од општина Гази Баба информираат дека со реализацијата на овој проект се намалуваат социјалните разлики што ги има во секое општество и „се постигнува чувство на еднаквост меѓу децата, без поделби и разлики меѓу нив во начинот на облекување, а притоа се намалуваат и трошоците на родителите на учениците. Постапката за набавка на училишните униформи е во тек, а од буџетот на општина Гази Баба се определни 12.000.000 денари“.

Од престојната учебна година, општина Бутел за прв пат ќе обезбеди униформа за секој ученик од општинските основни училишта. Средствата се обезбедени од буџетот на Општина Бутел.

Првиот човек на општина Бутел, Дарко Костовски, порача дека ова е уште една мерка во низата мерки кои се превземени во изминатиот период „се со цел да се овозможат подобри и еднакви услови за сите“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author