drvja

29.06.2023 Скопје

Шефот на најголемиот британски фармацевтски производител Астра Зенека, Паскал Сорио, предупреди дека две кризи – климатските промени и губењето на биолошката разновидност и штетат на планетата и на здравјето на луѓето, откако најави инвестиција од 400 милиони долари за засадување 200 милиони дрвја до 2030 година.

Уште во 2020 година, Астра Зенека се обврза да засади и одржува повеќе од 50 милиони дрвја до крајот на 2025 година преку шемата за компензација, една од најголемите програми за садење дрвја во светот.

Според оваа програма досега се засадени 10,5 милиони дрвја од 300 различни видови низ Индонезија, Гана, Велика Британија, САД, Франција, како и во Австралија во соработка со Абориџините.

Компанијата ја прошири таа програма со инвестирање 400 милиони долари во пошумување и ветување дека ќе засади повеќе од 200 милиони дрвја до 2030 година и ќе обезбеди нивен долгорочен опстанок.

Дрвјата ќе бидат засадени во Бразил, Виетнам, Гана, Руанда и Индија, пренесува Танјуг.

Земјите со тропски шуми, како Бразил и Индонезија, апсорбираат најмногу јаглерод диоксид и се клучни во борбата против глобалното затоплување.

Уништувањето на шумите се влоши минатата година, кога област со големина на Швајцарија беше исчистена од најнетипичните дождовни шуми, и покрај политичкото ветување на светските лидери на самитот Cop26 во 2021 година да го запрат нивното уништување.

Гардијан објави дека тропските предели изгубиле 10 отсто повеќе шуми отколку во 2021 година, покажуваат податоците на Светскиот институт за ресурси и Универзитетот во Мериленд.

Губењето на шумите предизвика 2,7 гигатони емисии на јаглерод диоксид, што е еквивалентно на годишните емисии на фосилни горива во Индија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author