20.06.2023 Скопје
Тетово викендов, 24 и 25 јуни, по 50. јубилеен пат ќе биде домаќин на меѓународниот хорски фестивал Тетово хорски одзиви „ТЕХО“.
Тетовските хорски одзиви се манифестација со голема традиција, која го вбројува Тетово во градовите со висока музичка култура и место каде веќе половина век се афирмира и поттикнува хорската музика и се исполнуваат голем број нови хорски песни кои имаат значајно место во неговото творештво. Исто така, „ТЕХО“ е и фестивал кој ги негува темелните вредности на македонската култура и идентите со изведби на композициите на доајените на современата музика.
Главна одлика на фестивалот, кој е дел од мрежата на европски фестивали, е што годинава е посветен на 120 годишнината од Илинденското востание.
На ова јубилејно издание ќе настапат 17 хорови и околу 600 хористи.
Отворањето на фестивалот е закажано за сабота, 24 јуни, во НУЦК „Иљо Антески-Смок“ Тетово во 19.30 часот, додека пак во недела фестивалот продолжува во Соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ – Тетово во 12 часот, а вечерта во НУЦК „Иљо Антески-Смок“ Тетово во 19.30 часот.
Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска преку прес-конференција истакна дека Министерството за култура дава поддршка за фестивалот, затоа што во „ТЕХО“ имаат искрен и сериозен партнер кој ја афирмира хорската музика во земјава и во светот.
„ТЕХО игра водечка улога и во мотивирањето на композиторите да творат нови хорски композиции. Ги поттикнува најмладите диригенти и солисти да се охрабрат и да застанат на големата сцена. Особено е важно што ТЕХО ги негува авторите и основоположниците на македонската современа музка од кои речиси сите во својот опус имаат хорски композиции. На овој начин го чуваме македонското културно и духовно наследство, го негуваме идентитетот и музиката која ја пееме од најмала возраст. На својот јубилеј 50 години од постоење, ТЕХО е посветен и на 120 годишницата од Илинденското востаните. Со ова македонските вредности, традиции и култура, идентитет стануваат дел од европските културни вредности“, потенцира министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Претседателот на фестивалот Ивица Зориќ потсети дека како младо момче учествувал во првиот фестивал и останал се до денес.
Датумот на првиот фестивал бил од 22 до 24 јуни 1973 година и се совпаѓа со овогодинешното издание.
Зориќ објасни дека во рамки на фестивалот ќе има изложба на сите плакати од првото издание до денес, ќе бидат изложени во Центарот за култура.
„Јас ги чувам сите. Досега бележиме 16 000 хористи кои имаат настапено, некој по повеќе пати, преку 400 хорски ансамбли, а голем број на композиции имале праизведби и се пишувани за ТЕХО. Сега доаѓаат хорови од повеќе наши градови, но и од Србија, Косово и Албанија. За првпат преку интернет ќе настапи Македонскиот камерен хор од Нов Зеланд со три композиции“, посочи Ивица Зориќ.
Подготвено од А.Ѓ.