14.06.2023 Скопје
Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации соопшти дека бројот на раселени луѓе ширум светот достигна рекордни 110 милиони, а конфликтите во Украина и Судан принудија милиони да ги напуштат своите домови.
УНХЦР во својот годишен извештај за принудното раселување објави дека околу 19 милиони луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови минатата година, што е најголем годишен скок забележан, со што вкупниот број достигна 108,4 милиони до крајот на минатата година.
Бројот оттогаш се искачи на најмалку 110 милиони, најмногу поради двомесечниот конфликт во Судан, изјави шефот на ОН за бегалци, Филипо Гранди.
Вкупната бројка ги вклучува луѓето кои бараат безбедност во нивните земји, како и оние кои ги преминале границите. Бегалците и барателите на азил сочинуваат околу 37,5 отсто од вкупниот број.
„Ние сме во многу поларизиран свет, каде меѓународните тензии влијаат на хуманитарните прашања“, рече Гранди.
Пред конфликтот во Сирија во 2011 година, имало околу 40 милиони бегалци и внатрешно раселени лица, што е бројка која останала стабилна околу 20 години, наведува агенцијата. Но, оттогаш, бројот расте секоја година.
Од вкупниот број бегалци и оние на кои им е потребна меѓународна заштита, околу половина од нив доаѓаат од само три земји: Сирија, Украина и Авганистан.
На крајот на 2022 година, 11,6 милиони Украинци останаа раселени, вклучувајќи 5,9 милиони во нивната земја и 5,7 милиони во странство.
Гранди изрази загриженост за земјите кои воведуваат строги правила за прием и одбивање бегалци, без да прецизира кои земји.
Во извештајот се наведува дека минатата година 339.300 бегалци можеле да се вратат дома, додека 114.300 биле преселени во трета земја, двојно повеќе од 2021 година.
Подготвено од А.Ѓ.