telo

04.05.2023 Скопје

Понекогаш одредени суптилни симптоми кои многумина од нас не ги ни забележуваат може да укажуваат на тоа дека нешто не е во ред со нашето здравје.

Имено, нашето тело често ни дава предупредувачки знаци кои навистина можат да ни го спасат животот.

Иако постојат многу различни причини за суви очи, вклучително и гледање во компјутерскиот екран цел ден, многу посериозен виновник е Сјогренов синдром, автоимуна болест која предизвикува воспаление на солзните жлезди во нашите очи, што доведува до намалено производство на солзи и хронично суво око, предупредуваат лекарите.

Белите дамки во устата или на јазикот може да бидат знак за леукоплакија. Според Американското здружение за рак, оваа состојба често се јавува кај оние кои пушат или користат тутунски производи, а ако не се лекува, може да се претвори во рак на устата.

Лекарите предупредуваат дека постојаното чувство на студ може да укажува на нарушување на тироидната жлезда, односно хипотироидизам. Имено, недоволно активната тироидна жлезда не произведува доволно тироксин хормон, а токму тоа е честа причина за необјасниво чувство на студ.

Надуеноста може да настане поради тоа што го јадеме, но и поради нешто многу посериозно. Имено, еден од посуптилните симптоми на ракот на јајниците кај жените е токму необјаснивата надуеност која настанува поради насобирање на вишок течност во абдоминалната празнина, пренесува Best Life.

Додека милиони луѓе доживуваат опаѓање на косата секоја година, Американската академија за дерматологија вели дека ако тоа започне ненадејно, тоа може да биде резултат на одредени болести. Две можни основни медицински состојби се болест на тироидната жлезда и анемија, кои предизвикуваат губење на косата.

Доколку забележите дека полесно од вообичаено добивате модринки, лекарите тврдат дека треба да одите на преглед. Имено, тие тврдат дека тоа би можело да биде симптом на откажување на црниот дроб, што се случува кога голем дел од органот е оштетен поради нарушувања на црниот дроб.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author