08.05.2023 Скопје
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера на прес-конференција изјави дека сите оние кои поседуваат нелегално оружје од денес ќе можат да го предадат во полициска станица „без какви било прашања и последици”, и порача дека нелегалното оружје секако ќе биде пронајдено, а оној кој нема да го предаде доброволно ќе се соочи со сериозни казнени последици.
Во меѓувреме во Собранието оди овој предлог и се зголемува казната затвор за нелегално оружје, затоа сите граѓани кои поседуваат нелегално оружје имаат рок од еден месец да го предадат во полициските станици, а после тој рок „полицијата ќе упаѓа”, потенцираше претседателот Вучиќ.
Втората мерка што ја најави српскиот претседател е драстично намалување на легалното оружје. Лицата кои имаат дозволи за оружје, најави дека ќе се контролираат најмалку еднаш годишно, а кога ќе добијат повик ќе треба да се јават во рок од 48 часа.
Ќе бидат засилени и полициските патроли кај училиштата и трговските центри, а полицајците во училиштата ќе бидат добро вооружени и спремни да одговорат на секаков предизвик.
Според претседателот Вучиќ, присуството на полицијата во училиштата ќе го намалат врсничкото насилство за 70 до 80 проценти.
Подготвено од М.Н.