zatvor idrizovo

26.05.2023 Скопје

Министерството за внатрешни работи информираше дека вработен во затворската полиција во затворот „Идризово“ во Скопје заработил кривична пријава под сомнение дека му овозможил на осуденик од Куманово да избега од установата.

Од МВР информираат дека додека Ј.Ј. бил на смена во саботата, му ја дал службената магнетна картичка за отворање на безбедносна врата на осудениот Д.К., со што го ослободил. Затвореникот бил осуден на издржување казна затвор до 2027 година и имал затворен третман од категорија Б2.

Станува збор за категорија на осуденици со среден или низок степен на ризик против кои не се води друга постапка или на кои не им е изречена друга затворска казна.

Во соопштението на Министерството за внатрешни работи се наведува дека осуденикот, искористувајќи ја довербата на Ј.Ј., му ја побарал службената магнетна картичка за отворање на безбедносната врата од Отвореното одделение, со образложение дека ќе оди во друг дел од одделението каде претходно бил работно ангажиран. Откако осуденото лице ја отворило безбедносната врата, му ја вратило картичката на сопственикот, а потоа се оддалечило кон „зелената капија“. Нешто подоцна, при извршена проверка на бројната состојба, било констатирано дека осуденото лице недостасува, односно дека побегнало од затворот.

Истиот ден, околу 9 часот наутро, во казино на улицата „Благоја Стефковски“, осудениот извршил разбојништво со закана со пиштол, при што од вработениот одзел пари и избегал. Тој за кусо време бил пронајден од страна на полициски службеници и е лишен од слобода, а кај него биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривичното дело и еден пиштол „Чешка Зброевка Ц3 85“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author