03.05.2023 Скопје
Министерот за образование Бранко Ружиќ денеска изјави дека Владата на Србија донесе одлука за тридневна жалост на територијата на цела Република Србија поради трагедијата во основното училиште „Владисав Рибникар“, во која утрово ученик од седмо одделение пукал со пиштол кон учениците и вработените во училиштето при што усмртил осум деца и еден вработен, обезбедувањето, а повредил уште шестмина и една наставничка.
Ружиќ истакна дека тридневната жалост во Србија ќе трае од петок, 5 мај, а завршува во недела, 7 мај, додавајќи дека наставата денеска во попладневната смена ќе биде прекината поради трагичниот настан, односно нема да се одржува. Ружиќ рече дека од утре наставата започнува со едноминутно молчење.
„Изразувам најдлабоко жалење за најголемата трагедија што ја снајде Србија и нашиот образовен систем во поновата историја, трагедијата што се случи во основното училиште „Владисав Рибникар“. За жал, животот го загубија осум деца, како и еден член на училишното обезбедување, додека повредените ученици и наставникот се хоспитализирани Никој не може да им ги врати децата на родителите. Инцидентот се случил утрово околу 8 часот и 40 минути кога ученик од седмо одделение од ова училиште за првпат го извршил овој брутален чин во Србија. Безбедносниот прстен кој според нашите процедури е стандардизиран и предвиден за училиштата постоеше и утринава, функционираше видео надзор, а присуствуваше и обезбедувачот кој трагично го загуби животот на должност, како и училишниот полицаец кој беше на должност“, изјави Ружиќ на прес-конференцијата.
Тој додаде дека во болница се шест деца, како и една наставничка.
„Благодарен сум и за храброста на наставниците и сите присутни во училиштето кои се обидоа да ја спречат трагедијата. Навремено беше повикан тим од психолози со цел да им даде поддршка на учениците, вработените и родителите во трауматичниот период што следи. Незамисливо е кога ќе ги видите тие сцени како им беше на оние деца кои доживеаја страв, стравот од чуварите и наставниците кои се потрудија да го заштитат она што им е најсвето, а тоа се децата“, рече Ружиќ.
За потсетување, Министерството за внатрешни работи на Србија претходно соопшти дека во пукотницата што утринава се случила во ОУ „Владислав Рибникар“ во Врачар животот го загубиле осум ученици и еден работник од училишното обезбедување.
Повредени се вкупно шест деца и една наставничка кои моментално се згрижени во центрите Тиршова и Ургенти.
Подготвено од А.Ѓ.