19.05.2023 Скопје
Денеска Велика Британија воведе нов пакет санкции против Русија, чија цел се компании поврзани со кражба на украинско жито и лица вклучени во снабдувањето со руски енергетски производи.
Санкциите се насочени кон големите руски компании за енергија и транспорт на оружје, вклучително и оние поврзани со руската државна компанија за нуклеарна енергија Росатом и сопственикот на руската компанија за бакар Игор Алтушкин.
Лондон воведе санкции за Олег Романенко, шеф на нуклеарната централа Запорожје. На списокот се и 13 членови на одборот на директори на „Гаспромнефт“, пет члена на управниот одбор на „Транснефт“, претседателот на концернот „Калашников“ Алан Лушинков и директорот на концернот Владимир Лепин.
На санкционираната листа има 86 лица и субјекти.
Британското Министерство за надворешни работи соопшти дека санкциите се однесуваат на руската енергетска, метална индустрија, одбрана, транспорт и финансиски сектори.
Во соопштението се наведува дека ова е уште еден начин на притисок врз Русија, „која ги користи овие сектори како поддршка за својата воена машинерија“.
Санкциите уследија откако премиерот Риши Сунак најави нови забрани за увоз на руски дијаманти и бакар, алуминиум и никел.
Санкциите влијаат на производството на напредни материјали и технологија, вклучително и ласери.
Заедно со САД, Британија и останатите големи економии на Г7 викендов ќе објават нови санкции и мерки за контрола на извозот поврзани со Русија, на самитот во Јапонија.
Подготвено од А.Ѓ.