18.05.2023 Скопје
Хрватскиот воздушен простор за кратко време ќе го надгледуваат унгарски и италијански борбени авиони, изјави вчера министерот за одбрана на Хрватска, Марио Баножиќ.
Баножиќ изјави дека тоа е неопходно бидејќи хрватските пилоти и механичари ќе поминат обука за да се префрлат на авиони Рафал, но не сакаше да открие кога унгарски и италијански авиони би можеле да го преземат надзорот на хрватското небо.
Освен интензивната обука на механичарите и пилотите, причина за ангажирањето на италијанските и унгарските авиони е исцрпувањето на ресурсите на хрватските МИГ. Во моментов, хрватското воздухопловство располага со осум борбени авиони МиГ 21. Ресурсите на некои од овие авиони ќе ги снемаат оваа година, а дел од нив мора да бидат приземјени во 2024 година и понатаму. Нема официјални податоци колку борбени авиони се оперативно подготвени дневно, а според неофицијални информации, во просек, околу 60 отсто од нив се подготвени за летање.
Баножиќ изјави дека првите Рафали ќе пристигнат во Хрватска во првиот квартал на следната година, кога треба да биде готова инфраструктурата за нивен прием. Последните треба да пристигнат во првиот квартал од 2025 година. Со оглед на ова темпо на испорака, може да се очекува дека италијанските и унгарските авиони ќе бидат ангажирани на крајот на оваа година.
Унгарските авиони би биле ангажирани за следење на источна и централна Хрватска, а италијанските авиони би го надгледувале воздушниот простор на крајбрежниот дел на Хрватска.
Тие нема да бидат стационирани во Хрватска, туку ќе вршат летови во хрватскиот воздушен простор по потреба, истакна министерот Баножиќ.
Подготвено од М.Н.