17.05.2023 Скопје
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека Украина официјално се приклучи на работата на сајбер центарот на НАТО со седиште во Естонија.
„Денеска официјално беше подигнато националното знаме на Украина во седиштето на сајбер центарот на НАТО во Талин, што го означи официјалното влегување на Украина во сајбер центарот“, се вели во објавата на Твитер на Министерството.
Во 2008 година, Северноатлантскиот совет на НАТО ја одобри акредитацијата на Центарот за сајбер-одбрана на НАТО во Талин и му додели статус на меѓународна воена организација.
Задачата на центарот е да ја прошири соработката и да ја подобри размената на информации меѓу земјите од НАТО и нивните партнери во областа на сајбер одбраната.
Центарот подготвува и едукативни програми, подготвува правни и политички документи од оваа област и организира меѓународни вежби за сајбер одбрана Locked Shields.
Подготвено од А.Ѓ.