10.05.2023 Скопје
Федералната порота во Менхетен го прогласи поранешниот американски претседател Доналд Трамп одговорен за сексуален напад и клевета на писателката Елизабет Џин Керол.
Вкупно, Трамп ќе треба да плати околу пет милиони долари отштета.
Поротата прво го прогласи за виновен во граѓанската тужба што Керол ја покрена против него за сексуален напад. На суд беше кажано дека Керол не докажала силување, туку дека Трамп извршил сексуална злоупотреба. Поротата на федералниот суд на Менхетен заклучи дека Трамп треба да плати околу два милиони долари отштета.
Трамп потоа беше прогласен за виновен за клевета и треба да плати отштета од речиси три милиони долари.
Поротата од шест мажи и три жени помина повеќе од два и пол часа разгледувајќи ги наводите на Елизабет Џин Керол дека поранешниот претседател Доналд Трамп ја силувал во соблекувална за долна облека, а потоа ја клеветил во објава на социјалните мрежи минатиот октомври.
Керол тврдеше дека Трамп ја силувал во стоковната куќа „Бергдорф Гудман“ пролетта 1996 година, а потоа и дека ја наклеветил кога го негирал нејзиното тврдење, односно рекол дека таа не е негов тип и дека таа ја измислила приказната за да ја зголеми продажбата на нејзината книга.
Трамп, кој ги негираше обвинувањата, не се бранеше и на крајот одлучи да не сведочи. Како и секој обвинет во граѓанска постапка, од него не се бараше да се појави пред суд на судење или каква било постапка и има право да не сведочи во своја одбрана.
Керол ја поднела тужбата во ноември минатата година според државниот закон кој ја отвори можноста за судења за сексуален напад со одамна истечен статут на застареност.
Подготвено од А.Ѓ.