A6305844

29.05.2023 Скопје

Ликовната изложба „Го сакам Охрид… ама го љубим и Тетоо“ деновиве беше претставена пред тетовци, која на еден невообичаен начин ги прикажува и поврзува Тетово и Охрид, како градови кои го имаат одбележано животот на авторот Ѓоко Симјаноски.

Оваа изложба со 45 дела во сув пастел евоцира спомени, потсетува на убави мигови, оживува случки и настани, а сè тоа го прави на еден ненаметлив, а сепак привлечен и природен начин – какви што се и боите и техниката – пастелни и нежни, но воедно живи и колоритни.

Ликовна заокружена сторија која гледачкото око ќе го „нурне“ во длабочините на историјата и несекојдневието. Уметничка целина која ќе одведе низ тетовските и охридските калдрмисани улици и сокаци, создавајќи природен и автентичен приказ за градовите какви што се – или какви што сè помалку се. Навидум обичен ликовен животопис за несекојдневното секојдневие, понуден пред јавноста онаков каква што е убавината на овие градови со тврдини – нечесто забележана, но секогаш одважна.

Овој стил и ангажман на Симјаноски, е и одраз на неговото искуство, но и на намерата да биде најактивен во пензионерските денови, во кои и има најмногу време да посвети на неговата пасија. Затоа овие дела се и смирувачки, мирни, но и бранувачки, барајќи да се подзамислиме на момент и некако под некаква возбуда, афектно, да се навратиме некогаш и негде – во Тетово и во Охрид.

Ѓоко Симјаноски е роден во 1947 година во Скопје, по професија е електроинженер, по мајка – тетовец од Два Бреста, по татко – охриѓанец, а по животниот повик е вљубеник во сликарството, филмот, радиото и фотографијата. Основното образование го стекнал во Охрид, Тетово, с. Вруток и Гостивар. Средно техничко училиште, електро насока, завршил во Скопје. Високата техничка школа, електро насока, ја завршил во Битола. Како електроинженер работел во ЕМО Охрид од 1971 до 1978 година а продолжил во Завод за урбанизам и архитектура до пензионирањето во 2011 година. Освен во струката, како надворешен соработник работел во Радио Охрид (над 32 години) и Телевизија ТВМ Охрид. Добитник е на Наградата Сребрена значка за најдобар прилог од Здружението на локалните радио станици на Македонија.

Од 1996 година до 2018 година, уредник и водител е на емисијата за филм „Филмско око“, во траење од 22 сезони со вкупно 878 емисии. Има изработено голем број на емисии и документарни прилози и филмови, меѓу кои и над 350 емисии на „Музички слалом“, 90 емисии на „Кино бавча“, како и филмовите „Охридското кино Парадизо“, „Песната како повод за разговор“ (1 и 2), „Охридските брилијанти“, „Живот како виножито“ и др.

Во 1997 година има поставено прва самостојна изложба во Охрид, под насловот „Охрид, Охрид, Охрид убав мил“, како и истата година во Кичево – со насловот „Охридски мотиви“. Оваа година, во февруари во Охрид ја има поставено самостојната изложба на портрети „Беше еднаш Холивуд“, претставувајќи ги златните години и омилените актери од Холивуд. Има учествувано на голем број на ликовни колонии и групни изложби. Активен член е на фото – клуб „Охрид“ веќе 10 години, со учество на сите годишни изложби на клубот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author