ambasador na kipar vo belgrad

15.05.2023 Скопје

Амбасадорот на Република Кипар во Србија, Димитриос Теофилакту, потврди дека ставот на неговата земја за непризнавање на самопрогласеното Косово е принципиелен и конзистентен.

„Кипар го почитува територијалниот интегритет на Србија, исто како што го почитува територијалниот интегритет на сите други земји. Нашиот став за непризнавање на Косово е принципиелен и конзистентен, и не само затоа што имаме сличен проблем. За да бидеме кредибилни, мора да се водиме од конзистентни и принципиелни позиции, во согласност со меѓународното право“, потенцира Теофилакту на крајот од неговиот дипломатски мандат во Белград.

Според него, односите меѓу Кипар и Србија се традиционално силни, негувани и повеќеслојни.

„Во светло на актуелните случувања во однос на Кипар и Косово, ние сме си потребни еден на друг и од срце се поддржуваме, притоа отворајќи нови области за натамошно унапредување на нашите односи“, нагласи амбасадорот на Кипар.

Тој рече дека, во согласност со политиката на ЕУ, неговата земја го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина, но инсистира со другите земји членки на целосна имплементација на одредбите кои се однесуваат на српските општини на Косово и Метохија и „тие се клучен аспект на политиката на Белград, во согласност со Бриселскиот договор“.

Теофилакту посочи дека, од друга страна, кога виталните интереси на таканаречените мали држави не се во согласност со интересите на другите, главно поголеми играчи, „мора да се предвидат одредени притисоци или последици“.

Но, оцени дека, без разлика на економските или други последици, државите не треба да носат одлуки под притисок.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author