30.05.2023 Скопје
Двајца студенти од Куманово кои студираат на приватен универзитет, добиле случај против Град Скопје пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), каде поднеле претставка зашто немаат право да користат бесплатен јавен превоз како што имаат студентите на државните универзитети.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја задолжи градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во рок од 60 дена да иницира измена на Одлуката за давање субвенција на ЈСП „Скопје“, со која ќе се утврди правото на бесплатен превоз и на студентите кои се запишани на приватните универзитети.
Со новата Одлука треба да се обезбедат средства за бесплатен превоз на сите редовни студенти на додипломски студии од државните и приватните универзитети за 2023 година, со цел отстранување на повредата на правото на еднаквост.
КСЗД ги предупреди Град Скопје и градоначалничката Арсовска дека, согласно член 27 од законот, се задолжени да постапат во зададените рокови, и доколку не се запазат дадените рокови Комисијата е должна да поднесе барање за покренување постапка пред надлежен суд каде казните за физички лица се до 400 евра, а за правни лица до 10.000 евра.
Во врска со овие претставки, КСЗД утврди директна продолжена дискриминација и индиректна продолжена дискриминација. Директна врз двајцата подносители е утврдена врз основа на личен и општествен статус редовна студентка, односно редовен студент, извршена од Град Скопје во областа „пристап до добра и услуги во образованието“, а индиректна продолжена дискриминација од Град Скопје, пак, е утврдена кон сите студенти кои се школуваат на приватни универзитети во Република Северна Македонија.
Со одлука на Владата уште во 2016, во рамки на проект за бесплатен превоз на студенти, со која се препорачува Град Скопје да овозможи бесплатен превоз на редовните студенти само од државните универзитети во автобусите на ЈСП „Скопје“, и оттогаш заклучно со 2023 година, согласно ваквата дискриминирачка препорака, има донесено 8 одлуки (заклучно со таа од 2016) со кои не им дава бесплатни слободни карти на студентите од приватните универзитети.
Законот за високо образование во статусот „студент“ не ги дели на студенти на државен и студенти на приватен универзитет, наведуваат од Комисијата.
Подготвено од М.Н.