oruzhje

09.05.2023 Скопје

Во соседна Србија започна акцијата за разоружување на населението, а според последните податоци од Службата за сузбивање на криминалот на МВР за еден ден се предадени околу 1.400 парчиња оружје, околу 45.000 парчиња муниција и околу 100 парчиња минско-експлозивни направи.

Бојана Отовиќ Пјановиќ од Службата за сузбивање на криминалот на МВР прецизираше дека се предадени 765 парчиња оружје кое било во законска сопственост на нивните сопственици, 199 парчиња оружје на починати лица и 404 парчиња оружје кои воопшто не биле регистрирани.

Отовиќ Пјановиќ истакна дека тоа што најголемиот број оружје што било предадено било во легално поседување, покажува колку луѓето се вразумиле по тешките злосторства извршени во Србија минатата недела, но исто така потсети дека граѓаните кои ќе го вратат оружјето нема да сносат никаква кривична одговорност и последици, ниту ќе треба да го докажат потеклото на оружјето и да донесат каква било документација.

Отовиќ Пјановиќ истакна дека МВР има јасно дефинирани процедури за постапување со предаденото оружје и предвидува безбедни услови за складирање до постапката за уништување, но исто така додаде дека постои можност граѓаните по едноставна процедура оружјето да го предадат и во сопственост на Република Србија.

Отовиќ Пјановиќ исто така најави и измени на Законот за оружје и муниција со кои ќе се заострат условите за издавање дозвола за оружје, а ќе се вршат и почести контроли од шест месеци до една година кои вклучуваат општа медицинска проверка, психијатриски, психолошки и офталмолошки преглед, како и тестирање за присуство на психоактивни супстанци.

Подготвено од М.Н.

About Author