15.05.2023 Скопје
Специјалниот пратеник на кинеската влада за евроазиски прашања, амбасадорот Ли Хуи, денеска го започнува патувањето во Украина, Полска, Франција, Германија и Русија.
Министерството за надворешни работи на Пекинг, објавувајќи ја мисијата, објасни дека посетата на кинеските претставници на релевантните земји е уште една манифестација на посветеноста на Кина да го олесни дијалогот и целосно покажува дека Кина е цврсто на страната на мирот.
Испраќањето на амбасадорот го соопштил кинескиот претседател Си Џинпинг во разговорот на 26 април со неговиот украински колега Володимир Зеленски. Како што најави претседателот Си Џинпинг, Ли ќе има задача да промовира дијалог меѓу вклучените страни и да негува „трајна стабилност и безбедност“ во Европа.
Иако Кина ниту ја иницирала, ниту е вклучена во војната, како постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации и како „голема одговорна земја“ ќе продолжи да ги промовира преговорите, кои се сметаат за „единствениот практичен начин“ за ставање крај на непријателствата и постигнат прекин на огнот што е можно поскоро, истакна претседателот Џинпинг.
Ли дипломирал на Универзитетот за странски јазици во Пекинг, започнувајќи ја својата дипломатска кариера во 1975 година, во сектор за Европа при Министерството за надворешни работи. Во 2009 година, Ли бил избран од поранешниот претседател Ху Џинтао за шеф на кинеската дипломатија во Русија, посветувајќи се на зајакнување на сеопфатното стратешко партнерство меѓу двете земји.
Во десетте години од неговиот мандат во Москва, Ли предложи поголема меѓусебна поврзаност со Русија особено долж новиот пат на свилата (БРИ, Иницијатива за појас и пат) и во рамките на Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), организација која ги вклучува и Ерменија, Белорусија, Казахстан и Киргистан. За неговата работа во промовирањето на билатералните врски, дипломатот беше одликуван со Орден за пријателство во мај 2019 година, завршувајќи ја својата функција два месеци подоцна и се врати во Кина како специјален претставник на владата за евроазиски прашања.
Подготвено од М.Н.