24.05.2023 Скопје
Околу 15-тина слики во сув пастел со тетовски мотиви и околу 30-тина слики со охридски мотиви, ќе бидат промовирани овој петок (26 мај), во Домот на АРМ / Музеј на тетовски крај, со почеток во 19 часот, како и дела од самостојната ликовна изложба на Ѓоко Симјаноски, охридски ликовен уметник, по професија инженер, а по потекло – тетовец од Два Бреста.
Ликовна приказна за дражот на Охрид, балканскиот Ерусалим и Тетово, „мау Париз“ ќе биде претставена пред тетовци. Свеж потсетник за нашите ридести градови во кои се опеани песните за Билјана и Трпана, но и за не толку забележаното околу нас, а сè помалку присутно.
Оваа изложба евоцира спомени, потсетува на убави мигови, оживува случки и настани, а сè тоа го прави на еден ненаметлив, а сепак привлечен и природен начин – онакви какви што се и боите и техниката – пастелни и нежни, но воедно живи и колоритни.
Особено тетовската колекција можеби поинтересна за тетовската јавност, на едно место собира повеќе култни објекти и простори, но и не толку откриени, слики кои сами по себе кријат своја приказна која чека да биде истражена и откриена. Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“, црквата „Света Богородица“, Старата пошта, делови од улицата Гоце Делчев, Шарената џамија, тетовскиот амам… се дел од мотивите кои се затапени во делата на авторот.
Ликовна заокружена приказна која гледачкото око ќе го „нурне“ во длабочините на историјата и несекојдневието. Уметничка целина која ќе одведе низ тетовските и охридските калдрмисани улици и сокаци, создавајќи природен и автентичен приказ за градовите какви што се – или какви што сè помалку се.
Подготвено од А.Ѓ.