severna koreja - spionski satelit

30.05.2023 Скопје

Северна Кореја ќе го лансира својот прв шпионски сателит во орбитата во јуни и ќе го користи за следење на американските воени активности.

Според изјавата на официјалниот претставник на севернокорејската работничка партија, Ри Пјонг-Чол, сателитот ќе го известува Пјонгјанг со информации за воените дејствија на непријателот во реално време.

Северна Кореја минатиот викенд ја извести Јапонија дека планира да го лансира својот прв шпионски сателит во орбитата помеѓу 31 мај и 11 јуни. Владата на Јапонија, преку гласот на главниот секретар на кабинетот, Хироказу Мацуно, изјави дека таквата иницијатива би претставувала закана за регионалниот мир и „сериозна провокација“ и всушност ќе значи лансирање на интерконтинентална балистичка ракета, и кршење на резолуциите на ОН.

Министерството за одбрана додаде дека сите севернокорејски проектили што ќе го нарушат јапонскиот воздушен простор ќе бидат уништени.

Јужна Кореја, Соединетите Американски Држави и Јапонија заеднички го повикаа Пјонгјанг да се воздржи од спроведувањето на планот за лансирање шпионски сателити. Ова беше објавено во соопштението на јужнокорејското Министерство за надворешни работи, на крајот од видеоконференцијата меѓу специјалните претставници за Северна Кореја на трите земји, јужнокорејскиот Ким Гун, Американецот Сунг Ким и Јапонецот Такехиро Фунакоши.

Подготвено од М.Н.

About Author