sef za oruzhje

17.05.2023 Скопје

Во специјализираните продавници за продажба на сефови во кои се чува оружје во Белград, велат дека се прават листи на чекање, бидејќи распродале се што имале.

Дозволата за носење оружје не значи целосно почитување на прописите, бидејќи законот го регулира и начинот на чување оружје во куќата.

Во Белград речиси и да нема специјализирана продавница каде што може да се купи сеф. Сите во моментов се распродадени. Списоците на чекање во некои продавници брои повеќе од 50 луѓе.

Дневно се јавуваат повеќе од сто заинтересирани. За сите имаат ист одговор – се што беше достапно е продадено.

Немања Антиќ од продавницата за опрема претпоставува дека се продадени сите залихи, сите поповолни и поевтини модели на сефови за пиштоли и револвери.

„Сите сме во слична ситуација, бидејќи побарувачката е многу голема“, додава Антиќ.

Милан Вуковиќ од продавницата за оружје наведува дека буквално се што имале на залиха е продадено за неколку часа.

„Сè што имаа увозниците беше распродадено за два дена, бидејќи никој не очекуваше дека одеднаш ќе бидат потребни толку сефови“, истакна Вуковиќ.

Полиците во продавниците се празни. Веќе ги нема ни во магацини. Најбарани се помалите сефови за пиштоли, но и малите брави за заклучување на оружјето. Сефот е роба како и секоја друга. За купување не е потребна посебна дозвола, лични податоци или доказ за поседување пиштол.

Како треба да се чува оружјето во сеф?

Законот јасно пропишува како оружјето мора да се чува во сеф.

„Имаат посебни фиоки и посебен дел за пушки, и двете се заклучени, муницијата би требало да се чува посебно во тие фиоки или прегради согласно законот, само заклучувањето е многу важно. Исто така, зашрафување на сефот во ѕидот, подот или во плакарот е многу важно“, вели Антиќ.

Колку чинат сефовите?

Подобрите сефови имаат посебен дел за муниција и рамка, а чинат неколку илјади евра. Најевтините се околу 300 евра.

Зголемена е и продажбата на ормари за оружје. Минатата година се зголеми продажбата на ормари за оружје поради измената на Законот за оружје и муниција.

Поради двата трауматични настани на почетокот на месецот и поради најавата за построги мерки побарувачката сега е за дваесетина отсто поголема.

„Тој ормар мора да биде од дрво или метал, или од таков материјал што е направен така што оружјето не може лесно да се дофати, односно да не биде лесно достапно. Регулативата налага сефот да биде прицврстен на ѕид, за на пример некој провалник нема да може да го одземе целиот плакар со оружје“, објаснува Милан Вуковиќ.

Сефовите обично се направени од челик, не се запаливи и имаат сертификат. Сертификатот е веќе направен при увоз.

Законот за оружје и муниција го дефинира и преносот на оружје во специјални куфери, а оружјето во сеф мора да се чува на адресата запишана во личната карта.

Никој освен сопственикот не треба да знае каде се клучевите. Бидејќи моментално нема сефови на пазарот, а побарувачката е голема, се повеќе луѓе избираат нов бизнис – правење сефови.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author