22.05.2023 Скопје
На светските берзи цените на нафтата пораснаа минатата недела, по речиси еден месец пад, но тргувањето беше неизвесно поради забавувањето на растот на западните економии, што ќе ја ослаби побарувачката за „црното злато“.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 1,9 отсто – на 75,58 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 2,3 отсто – на 71,69 долари.
Во средината на неделата цените пораснаа благодарение на веста дека во следните неколку дена демократите и републиканците во САД би можеле да постигнат договор за зголемување на националниот долг, а Конгресот би можел да го поддржи тој договор следната недела. Но, тоа не се случи до петокот, па тој ден цените на нафтата изгубија дел од претходните добивки. Доколку до 1 јуни не се постигне договор во Конгресот, федералните власти нема да можат да ја финансираат работата на некои државни институции.
Од друга страна, цените се поддржани од надежта на трговците дека поради забрзувањето на економското закрепнување, побарувачката во Кина ќе се зголеми до крајот на годината. Ова треба да ја надомести слабоста на побарувачката поради забавувањето на западните економии.
Но, прашање е колку растот на западните економии ќе се забави и дали ќе се избегне рецесија, имајќи предвид дека поради високата инфлација централните банки на западните земји веројатно ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки.
Така, минатата недела, неколку претставници на американската централна банка изјавија дека инфлацијата не се намалува доволно брзо и дека е можно дополнително зголемување на каматните стапки.
„Можноста за дополнително зголемување на каматните стапки во САД го поттикнува стравот од послаба побарувачка“, пишуваат аналитичарите на Националната австралиска банка во преглед на ситуацијата на пазарите.
И покрај минатонеделниот раст, цените на нафтата и натаму се значително пониски од почетокот на годината – повеќе од 10 отсто.
Подготвено од А.Ѓ.