sad amerika

31.05.2023 Скопје

Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, во текот на вчерашниот ден изјави дека САД имаат две барања од владата во Приштина – да не инсистираат градоначалниците Албанци да работат од општинските згради и да ја повлечат полицијата од општинските згради на северот на Косово.

„Не разбираме зошто за извршување на овие функции не може да се користат алтернативни локации или други јавни згради“, рече Ховениер, додавајќи дека усвојувањето на двете барања ќе помогне да се намалат тензиите.

„Сметаме дека присуството на косовската полиција во зградите во кои тие насилно влегоа е голем предизвик, затоа побаравме од владата (во Приштина) да ја повлече полицијата од овие три општински згради“, додаде амбасадорот.

На прашањето дали одлуката на Србија да ја зголеми борбената готовност на армијата претставува закана за Приштина, Ховениер рече дека „никогаш не е добар знак соседните земји, со кои се затегнати односите, да мобилизираат сили“.

„Во овој момент сме загрижени за активностите на Владата на Косово, кои ја создадоа оваа атмосфера на криза на северот, па затоа бараме да се посветат на решение“, рече Ховениер.

Тој пред новинарите од Приштина зборуваше и за моменталниот однос на САД кон самопрогласеното Косово.

„Морам да кажам дека во моментов САД немаат голем ентузијазам да реагираат на некои од интересите на Косово, како што е ангажманот со земји кои не ја признаа независноста или активна работа за подобрување на Косово на евроатлантскиот пат. многу жалам што ситуацијата дојде до ова, но морам да бидам искрен, таква е ситуацијата. Се надеваме дека премиерот Курти ќе ги послуша нашите совети и веднаш ќе преземе чекори за намалување на тензиите на северот“, рече Ховениее.

Тој додаде дека откажувањето на учеството на самопрогласеното Косово на воените вежби „Бранител Европа 2023“ е „првата последица“ за владата во Приштина.

„Овие вежби се завршени за Косово. Побаравме од косовскиот премиер Аљбин Курти веднаш да преземе чекори за деескалација на ситуацијата на северот. Тој не одговори на овие барања. Затоа размислуваме кои ќе бидат нашите следни активности“, рече Ховениер.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author