10.05.2023 Скопје
Американското Министерство за одбрана објави нов пакет воена помош за Украина во вредност од 1,2 милијарди долари, кој вклучува противвоздушни системи, муниција и пари за обука на војници.
„Овој пакет USAI (Иницијатива за помош на САД за Украина) ја нагласува континуираната посветеност на САД за исполнување на најитните барања на Украина, како што се испраќање системи за противвоздушна одбрана и муниција, истовремено градејќи го капацитетот на вооружените сили на Украина да ја бранат својата територија и ја одвраќа руската агресија во долг временски период“, се наведува во соопштението на Пентагон.
Се додава дека, како дел од новиот пакет, ќе бидат испратени артилериски гранати од калибар 155 милиметри, но и дека ќе бидат обезбедени комерцијални услуги за сателитски слики и поддршка за активности за обука и одржување.
„САД ќе продолжат да работат со своите сојузници и партнери за да обезбедат капацитети за задоволување на непосредните потреби на Украина на бојното поле“, соопшти Пентагон.
Подготвено од А.Ѓ.