indeksi ekonomija

03.05.2023 Скопје

Американските индекси ослабеа и во вторникот, а за песимизмот најмногу се одговорни регионалните банки.

Dow Jones загуби 1,08 отсто, на 33.684 поени, додека S&P 500 се лизна за 1,16 отсто, на 4.119 поени, а индексот Nasdaq 1,08 отсто, на 12.080 поени.

Најмногу вчера паднаа цените на акциите на регионалните банки. Индексот KBW на тој сектор потона за 5,5 отсто, спуштајќи се на најниските нивоа од ноември 2020 година.

Инвеститорите се загрижени за регионалните банки, иако First Republic, банката која беше под најголем притисок во последните недели, беше спасена откако нејзините средства беа купени од JPMorgan во понеделникот.

Регионалните банки се под притисок од март, кога две пропаднаа, а инвеститорите стравуваат од нови проблеми, имајќи предвид дека американската централна банка ги зголемува каматните стапки поради високата инфлација.

Преовладува претпазливост и затоа што се очекува челниците на ФЕД во среда да ги зголемат каматните стапки за уште 0,25 процентни поени, во опсег од 5 до 5,25 отсто.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author