24.05.2023 Скопје
Од утрово во Скопје може да се забележи дека приватните превозници веќе се во сообраќајот низ улиците и тие ќе ги опслужуваат линиите 23, 45, 61, 63, 73, 9, 11, 11A, 12, 47A, 55, 19, 20, 22, 52, 54, со 105 модерни автобуси.
Јавното сообраќајно претпријатие-Скопје на социјалните мрежи вчера објави дека е потпишан договор со приватните автобуски превозници и дека тие од денеска повторно ќе почнат да сообраќаат низ улиците на Скопје.
Инаку, приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје.
Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа главниот град. Во меѓувреме градските власти ги отфрлаа наводите дека им должат пари, но инспекцискиот надзор покажа дека Град Скопје не е во право.
Подготвено од М.Н.