https://www.facebook.com/photo?fbid=553441636966368&set=pcb.553441723633026

15.05.2023 Скопје

Во текот на вчерашниот ден, од страна на Министерството за внатрешни работи беа вршени претреси во домови, возила и помошни објекти на подрачјата на неколку сектори за внатрешни работи, при што беа пронајдени повеќе предмети поврзани со различни кривични дела, соопшти МВР.

Инспектори од Одделот за крим полиција – Одделение за недозволена трговија со дрога и оружје Битола, при претрес извршен со наредба од судија на претходна постапка од Основен суд Битола во домот на Т.П.(48) од Битола пронашле и одзеле поголем број предмети кои потекнуваат од кривичните дела “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, “кражба” и “тешка кражба”.

Во пронајдените предмети се кутија со бела грутчеста материја, бела прашкаста материја, повеќе ќеси со остатоци од бела прашкаста материја, две дигитални ваги со остатоци од кокаин, таблети, нож со остатоци од кокаин, скенер-детектор, лаптоп компјутер, два мобилни телефона, пет екслузивни рачни часовници, повеќе парчиња златен накит, над осум илјади евра во различни апоени, 600 австралиски и 800 американски долари, 30 илјади денари, патничко возило “БМВ”, со битолски регистарски ознаки, соопшти МВР.

Полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје при ОВР Струга го лишија од слобода А.Л.(46) од Струга. По преземени мерки и активности, извршен е преглед на неговото возило „ауди“, со струшки регистарски ознаки на улицата „Петар Ѓончески Гиле” во Струга, при што полициските службеници пронајдоа и одзедоа осум опаковки со кафеава прашкаста материја – хероин.

Претходно во текот на изминатото деноноќие претреси со судски наредби беа извршени на подрачјето на СВР Струмица, при што во домот на Д.П.(20) од село Ангелци, струмичко, бил пронајден предмет кој потекнува од извршено кривично дело разбојништво, додека на подрачјето на СВР Тетово во домот на Б.Х.(23) од Тетово, била пронајдена и одземена марихуана.

Лицата се приведени и по целосно документирање на овие случаи против лицата Т.П.(48), А.Л.(46) и Д.П.(20) ќе бидат поведени соодветни кривични пријави, стои во соопштението од МВР.

Подготвено од М.Н.

About Author