29.05.2023 Скопје
Претседателот на Уганда, Јовери Мусевени, потпиша контроверзен предлог-закон кој предвидува драконски мерки против хомосексуалноста.
Според новиот предлог-закон, кривичното дело хомосексуалност сега е ограничено на геј сексуални дејствија, а на осудените им се заканува доживотен затвор. Законодавството предвидува и смртна казна за тешки кривични дела, во случаи на сексуална злоупотреба врз малолетно лице, инвалидно лице или ако жртвата на злоупотреба е заразена со трајна болест.
Од граѓаните исто така ќе се бара да пријават каква било форма на хомосексуална злоупотреба врз деца или други ранливи луѓе до властите.
Законот, во својата првична верзија, ја криминализираше идентификацијата како сексуално малцинство, но Мусевени тврдеше дека тоа ќе доведе до апсење и гонење на луѓето исклучиво поради нивниот физички изглед и затоа направи измена на првичната одредба.
Нацрт-законот е осуден од САД, ЕУ и меѓународните групи за човекови права, но ужива широка јавна поддршка во Уганда.
Се очекува законот да биде оспорен на суд, бидејќи слична одредба беше укината од Уставниот суд на Уганда и во 2014 година.
Подготвено од М.Н.