16.05.2023 Скопје
Премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе учествуваат на четвртиот Самит на Советот на Европа во Исланд.
Ковачевски и Османи ќе учествуваат на Тркалезна маса на која ќе се разговара за моделите за зачувување и развој на демократијата во време на огромни ризици по истата, на која ќе говорат и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, премиерите на Грузија, Норвешка, Италија, како и претседатели и министри за надворешни работи на повеќе земји од Европа, соопштија од владината прес-служба.
На вториот ден од Самитот, премиерот Ковачевски ќе има излагање на Генералната дебата на Советот на Европа, која овој пат е на тема „Обединети за Европа”, а каде се предвидени воедно и воведни обраќања на премиерката на Исланд Јакобсдотир, генералната секретарка на Советот на Европа, Пејчиновиќ-Буриќ како и претседателот на Парламентарно Собрание на Советот на Европа, Тини Кокс.
Како претседавач на ОБСЕ, Османи на дебатата ќе се осврне на потребата од засилена соработка со Советот на Европа во контекст на почитувањето на човековите права и основните слободи, демократијата и владеењето на правото.
Османи ќе одржи и состанок на високо ниво меѓу Советот на Европа и ОБСЕ на кој ќе се разговара за досегашната соработка, како и за други областите во кои може двете организации да придонесат со своите капацитети.
Дводневниот Самит е предвидено да заврши со усвојување на Рејкавик Декларацијата и предавање на претседателството со Комитетот на министри на Советот на Европа на Летонија.
Подготвено од М.Н.