https://www.facebook.com/photo/?fbid=499283565540921&set=a.499283522207592

27.05.2023 Скопје

Матурантите на ниво на цела држава денеска ќе го полагаат првиот од двата екстерни испита, Мајчин јазик (македонски, албански, турски) и литература, кој е задолжителен за сите 15 620 матуранти пријавени за полагање на завршниот испит во јунската испитна сесија.

Полагањето ќе започне во 10 часот, а за реализација на државната матура ќе бидат вклучени околу 1700 набљудувачи. Матурантите кои што нема да ја положат матурата во јуни или не во целост, ќе може да полагаат во августовската испитна сесија која ќе биде на 9 и 11 август.

Согласно договореното меѓу МОН и Сојузот на средношколци, полагањето на државната матура е олеснето со намалување на обемноста на тестот по Мајчин јазик односно помалку прашања во содржината на тестот, кој ќе носи од 60 до 80 поени, а не како досега од 80 до 100 поени.

Македонски јазик и литература ќе полагаат 10 768, Албански јазик и литература 4380, Турски јазик и литература 357 матуранти.

На 10 јуни е закажан тестот од вториот екстерен испит. Тој е изборен и матурантите имаа можност да избираат меѓу седум предмети.

Како и во минатите години, најмногу пријавени (13 922) има за испитот по Англиски јазик, за Математика се пријавени 1397, Француски јазик – 29, Германски јазик – 122, Руски јазик – 17, Естетика – 81 и Филозофија ќе полагаат седум матуранти.

Подготвено од М.Н.

About Author