10.05.2023 Скопје
Јужна Кореја верува дека Северна Кореја ги има завршено подготовките за седмиот нуклеарен тест, кој може да се случи во секој момент.
Ова го изјави јужнокорејскиот амбасадор во Италија, Ли Сеонг Хо, за време на неформалното сослушување одржано денеска во Домот на пратеници, на кое тој ја илустрираше внатрешната состојба на Северна Кореја, состојбата со човековите права во земјата и пристапот усвоен од владата во Сеул кон Пјонгјанг.
Во моментов, владата во Сеул работи на враќање на Северна Кореја на преговарачка маса, со цел да се постигне денуклеаризација и да се воспостави „одржлив мир“ на полуостровот.
Јужна Кореја е отворена за дијалог насочен кон денуклеаризација во секое време, и доколку Пјонгјанг сакаше да води искрен дијалог, Сеул ќе спроведе низа реципрочни мерки на политичко, воено и економско поле, истакна Ли.
Подготвено од М.Н.