10.05.2023 Скопје
Астрономите забележале два прстени и огромен облак од прашина околу една од најблиските и најсветлите ѕвезди на небото.
Позната како Фомалхаут, ѕвездата се наоѓа на 25 светлосни години од Земјата во соѕвездието Риби. Иако најдобро се гледа од јужната хемисфера, може да се забележи и од северната хемисфера, особено во текот на есента.
Нејзината позиција и фактот дека е толку светла значи дека сè уште се користи за навигација.
Претходните набљудувања преку телескопот Хабл покажаа дека 440 милиони години старата Фомалхаут е опкружена со прашина и вселенски материјал, но фотографиите дадоа само делумен увид.
Меѓутоа, фотографиите со висока резолуција што сега ги направи Џејмс Веб, ја открија околината на ѕвездата со исклучителни детали. „Под“ големиот астероиден појас кој се движи околу ѕвездата се наоѓа уште еден прстен од помали карпи и прашина.
„Она што го гледаме е прашина која останала од судирите меѓу планетезималите кои се долго заборавени остатоци од формирањето на планетарниот систем“, вели Андрас Гаспар, водач на студијата на Универзитетот во Аризона.
Зад облакот од прашина Фомалхаут се наоѓа надворешен прстен кој потсетува на Кајперовиот појас во нашиот Сончев систем, кој ги содржи Плутон и другите џуџести планети Ерис, Хаумеа и Макемаке.
Новооткриените појаси и просторите меѓу нив сугерираат дека планетите, кои сè уште не можат да ги видат, орбитираат околу Фомалхаут и го обликуваат системот преку нивните гравитациони полиња.
Планетите со маса како Нептун се доволни за формирање на внатрешните појаси, наведуваат авторите на студијата.
Подготвено од А.Ѓ.