05.05.2023 Скопје
Денеска Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, упати повик кон светските лидери присутни на денешниот состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк за акција и итно воспоставување на мирот во регионот на ОБСЕ.
Претседавањето со Советот за безбедност на ОН од овој месец е во рацете на Швајцарија, која го покани Османи да ги презентира приоритетите на Претседателството на Република Северна Македонија со ОБСЕ и соработката помеѓу ОБСЕ и ОН.
Ставајќи акцент на 30-годишнината од партнерството помеѓу ОБСЕ и ОН, особено во областите на спречување конфликти и управување со кризи, Османи повика на синергијата за постигнување мир за сегашните и идните генерации.
„Како што безбедносните предизвици продолжуваат да се развиваат, природата на соработката на ОБСЕ со ОН исто така мора да се развива, но и да станува попрагматична и ориентирана кон акција. Силните партнерства и заедничките стратегии се единствениот начин за ефикасно справување со сè покомплексните безбедносни предизвици, особено во време на војна, економски тешкотии и кризи“, истакна Османи во своето обраќање пред Советот за безбедност.
Османи додаде дека како лидери, „имаме одговорност да им служиме на луѓето, да ги заштитиме и да се погрижиме нивниот глас да биде слушнат“, потенцирајќи дека светот се соочува со невидени предизвици за кои цената ја плаќаат токму луѓето.
Според Османи, време е да се преземе решителна акција и „не можеме да си дозволиме да чекаме повеќе, додека страдањето на луѓето продолжува“.
Во таа насока, од пред Советот за безбедност, Османи уште еднаш ја повика Русија да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина и да стави крај на страдањето на луѓето.
Во своето обраќање тој ги претстави и неговите досегашните активности во рамки на Претседателството, осврнувајќи се на посетата на неколку клучни ОБСЕ региони како Украина, Молдавија и Јужен Кавказ, но и на посветеноста за зачувување на стабилноста и одржувањето на мирот во нив. Османи ја најави и својата претстојна посета во својство на Претседавач со ОБСЕ и на земјите од регионот на Западен Балкан.
„Останатите приоритети кои се вградени во нашата програма за Претседавањето во 2023 година во голема мера ќе зависат од безбедносните случувања. И покрај сите тешкотии, ќе продолжиме да ја промовираме безбедноста на луѓето преку поддршка на одржлив економски раст, основните човекови права, толеранција и недискриминација како предуслови за сеопфатна безбедност“, рече Османи пред светските лидери и повика ОБСЕ и ОН да го покажат на дело целиот свој потенцијал и да не дозволат заедничките принципи и заложби да бидат само празни фрази.
„Искуството од минатото и научените лекции ни даваат соодветни насоки за иднината. Свесен сум дека новите предизвици може да бараат прилагоден и нов пристап, но во секој случај, партнерството на ОБСЕ со ОН е и ќе остане од витално значење. Мораме да ги зголемиме напорите за заеднички да го одржиме мултилатерализмот, особено во однос на сеопфатната безбедност“, рече Османи.
Османи се осврна и на искуството на Република Северна Македонија како пример за придобивките што земјите ги имаат од двете организации ОБСЕ и ОН.
„Оваа година одбележуваме три јубилеи. Имено, како Претседавач со ОБСЕ чест ми е да ја истакнам 30-годишнината од соработката помеѓу ОБСЕ и ОН, понатаму кон крајот на оваа година Северна Македонија ќе биде домаќин на 30-от Совет на министри на ОБСЕ и одбележуваме 30-годишнина од членството на нашата земја во ОН. Овие три јубилеи се симболични знаци на нашата посветеност на мултилатералната соработка и признание за искуството што го стекнавме, особено на полето на решавање спорови и на прашањата за културните и етничките идентитетски разлики“, рече Османи.
Подготвено од А.Ѓ.