12.05.2023 Скопје
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Босна и Херцеговина во рамки на неговите активности како претседавач со ОБСЕ, соопштија од МНР.
Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина е една од најголемите теренски мисии на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.
Со нејзино седиште во Сараево и осум теренски канцеларии, Мисијата на ОБСЕ во БиХ придонесува во градење на капацитетите на институциите и директно градење на довербата меѓу граѓаните.
Во соопштението од МНР стои дека, Османи ќе има средби со државниот врв, претставници на Парламентот, на граѓански организации, како и други партнери и соработници на ОБСЕ.
При посетата и разговорите со официјалните лица од БиХ, Османи ќе се осврне на насоката во која ќе се движи понатамошната соработка помеѓу ОБСЕ и БиХ, како и поддршката на приоритетните области за БиХ од страна на Претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ, засилена борба против корупцијата, помирувањето и зајакнување на социјалната кохезија во државата.
Подготвено од М.Н.