05.05.2023 Скопје
Британскиот официјален форум на монетарни и финансиски институции ‒ ОМФИФ, годинава ја рангира Народната банка како прва во светот меѓу централните банки и финансиските институции според застапеноста на жените на раководни позиции. Ова е дел од објавата посветена на Индексот на родова еднаквост во финансиските институции за 2022 година, со кој веќе десет години по ред се рангираат финансиските институции според родовата застапеност.
Во објавата за застапеноста на жените во раководните структури на Народната банка се истакнува дека 70% од раководните позиции во Народната банка ги извршуваат жени. Инаку, на листата на централни банки на ОМФИФ со најголема застапеност на жените на раководни позиции се најдоа и федералните резерви на Сан Франциско, Чикаго, Минеаполис и Кливленд, централните банки на Австралија и Норвешка, а од регионот и Србија.
Во извештајот се наведува дека во светот само 22 жени се на чело на централните банки, за една повеќе во однос на претходната година, и оваа состојба е практично непроменета во однос на 2013 година кога за првпат беше поставен овој индекс, што говори за многу бавни промени на ова поле во светот на финансиите.
Индексот на ОМФИФ ја мери родовата еднаквост во 336 институции, меѓу кои 186 централни банки, 50 пензиски фондови, 50 суверени фондови и 50 комерцијални банки ширум светот, во согласност со застапеноста на мажите и жените меѓу вработените, стажот, како и позицијата којашто ја имаат во организацијата.
Според последните податоци, родовата еднаквост се подобрува во сите набројани институции, но многу бавно за 1 до 2 поена, додека најдобар резултат имаат пензиските фондови. Од 336 институции само 14% се предводени од жени, што е минимално подобрување на резултатот во однос на 2021 и 2022 година (13,3% и 13,7%).
Во извештајот се наведува дека со ова темпо ќе бидат потребни 140 години за да се надмине овој јаз помеѓу мажите и жените. Оттаму, претстои уште работа за да се зголеми застапеноста на жените на раководните позиции во финансиите во светски рамки.
Подготвено од А.Ѓ.