spasovski mkd

16.05.2023 Скопје

Денеска (16.05.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски присуствуваше на настан во просториите на „Една Точка за Услуги” – проект на Министерството за информатичко општество и администрација, каде што се соединуваат сите државни институции со цел поедноставување на пристапот на граѓаните до институциите и услугите кои ги нудат.

На настанот свое обраќање имаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, а по повод отпочнување на процесот на дигиталната трансформација на услугите за граѓаните во однос на издавање на уверение за државјанство на Република Северна Македонија во електронска форма.

Како што изјави министерот Спасовски, граѓаните на Република Северна Македонија можат да добијат уверение за државјанство во електронска форма на е-маил адреса и мобилен телефон.

„За таа цел, како МВР донесовме Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на водење евиденција за државјаните на Република Северна Македонија и за обрасците што се применуваат односно издаваат. Притоа, работни тимови од Одделот за информатика и телекомуникации и Одделот за граѓански работи во соработка со МИОА, овозможија преку Националниот портал за електронски услуги, барањето да се реализира преку емаил адреса или паметен телефон”, рече Спасовски.

Објаснувајќи ја постапката за поднесување барање за уверение за државјанство во електронска форма, министерот Спасовски истакна: „Барањето се поднесува во лично име и за свое малолетно дете, а услугата е достапна на веб сајтот www.uslugi.gov.mk, лични документи и исправи, државјанство. Барање може да поднесе лице кое има државјанство на Република Северна Македонија и е регистрирано на порталот за е-услуги, преку Системот за единствена најава (СЕН), односно Националниот портал за електронски услуги, согласно прописите од областа на електронското управување и електронски услуги и од областа на електронските документи, електронската идентификација и доверливи услуги”, рече Спасовски, додавајќи дека досегашниот начин на издавање на уверение за државјанство во хартиена форма ќе продолжи да се издава на досегашниот начин (лично или со полномошно на шалтерите во управните служби на Министерството за внатрешни работи) независно каде лицето има пријавено живеалиште.

Спасовски нагласи дека МВР продолжува со дигиталната трансформација на процесите и услугите и во наредниот период, а со цел обезбедување брзи услуги кон граѓаните преку намалување на влијанието на човечкиот фактор.

„Ова е еден важен аспект од процесот на евроинтеграциите, бидејќи така ќе се подобри и квалитетот и ефикасноста во обезбедување на услуги за граѓаните. Притоа, ќе се осигура континуитетот и непречената работа на институциите. А, воедно би споменал дека е и успешна алатка во борбата против корупцијата”, истакна Спасовски.

„Денеска сме тука да ги објавиме дигиталните услуги во кои МИОА врз основа на Програмата и Националната Стратегијата за дигитална трансформација на државата, почнуваме да ги промовираме дигиталните услуги кои ги имаме развиени заедно со министерства и други институции кои нудат сервиси за граѓаните. Цениме дека преку дигитализација ќе ги подобриме услугите кон граѓаните, во реално време, со намалено влијание од страна на администрацијата, за која за жал до сега имаше одолговлекување во однос на добивање сервиси. Целта е до крајот на 2023 да се дигитализираат над 150 услуги преку Националниот протал. Преку Агенцијата за дигитализација овие услуги може потполно да се дигитализираат, при што факторот човек ќе биде занемарен”, рече министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.

Цената на чинење изнесува 150 денари (100 денари административна такса и 50 денари за образец) и истата може да се плати електронски во моментот на поднесување на барање за Уверението за државјанство во електронска форма.

Обрасците за уверение за државјанство број 4 (македонски јазик) и 4а (македонски и албански јазик) се заменети со нови обрасци, избришан е податокот за живеалиште заради целосно усогласување со процесот на дигитализација.

Во просториите на Една Точка За Услуги само во 2022 година се издадени 4.000 предмети од шалтерот на МВР, а годинава заклучно со 1 мај издадени се 600 предмети. Предметите опфаќаат Уверение за државјанство, потврда за последен адресен податок (потврдите барани од Катастар на недвижности), потврда која служи во социјално за прво родено дете, како и за второ и трето дете, понатаму потврда за непоседување на моторно возило, како и многу други потреби. Сите документи кои се издаваат на шалтерот на МВР се издаваат веднаш.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author