22.05.2023 Скопје
Нуклеарната централа Запорожје е исклучена од надворешното напојување преку линијата од територијата на Украина и префрлена е на дизел генератори.
Украинската државна компанија за производство на нуклеарна енергија „Енергоатом“ денеска соопшти дека нуклеарната централа во Запорожје е исклучена од електричната мрежа поради руско гранатирање на надворешен далновод.
„Енергоатом“ на Телеграм соопшти дека далноводот до Днепропетровск што ја снабдува со електрична енергија нуклеарната централа во Запорожје, која сега е под контрола на Москва, ја прекина испораката откако беше погодена од руско гранатирање во текот на ноќта.
Нуклеарната централа Запорожје е исклучена од надворешното напојување преку линијата од територијата на Украина и префрлена на дизел генератори.
„Поради исклучувањето на високонапонскиот вод од 750 киловолти, нуклеарната централа Запорожје загуби надворешно напојување. Енергијата за сопствени потреби ја обезбедуваат дизел генератори“, се наведува во соопштението.
Се додава дека радијацијата на местото на нуклеарната централа е нормална. Запорожје е најголемата нуклеарна централа во Европа, со шест единици. Станицата не произведува струја од 11 септември 2022 година.
Пет реактори се во ладен режим, а еден работи на задоволување на сопствените потреби на електраната. Од март минатата година нуклеарната централа Запорожје е под контрола на руските сили, а од 1 септември минатата година таму дежураат неколку експерти од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), кои периодично се менуваат.
Подготвено од А.Ѓ.