18.05.2023 Скопје
Истражувањето на Геолошкиот институт на САД покажа дека поради големата тежина на зградите и облакодерите, Њујорк тоне во просек по два милиметри годишно.
Водечкиот истражувач и геолог Том Парсонс истакна дека тежината на зградите во Њујорк не само што предизвикува градот да тоне помеѓу еден и два милиметри годишно, туку и го прави ранлив на природни катастрофи.
Студијата, исто така, покажува дека Долниот Менхетен е особено погоден, но постои загриженост и за Бруклин и Квинс.
Американските истражувачи ја пресметале кумулативната маса на повеќе од милион згради на околу 764.000.000 тони, а потоа го поделиле целиот простор на површини од 100 квадратни метри и на тој начин го пресметале притисокот врз секоја зона.
Била пресметана и брзината со која тоне секоја од овие зони, но истражувачите при таа пресметка не ја земале предвид кумулативната тежина на мостовите, железничките пруги, патиштата и другите структури, што значи дека податоците што ги имаат даваат полесни вредности.
Притисокот што се врши на теренот веќе доведува до деформации, на ист начин како што се забележува на тектонските плочи во случај на топење на глечерите, што може, како што проценуваат, да доведе до проблеми за 8,4 милиони жители на метрополата.
Како што нагласуваат, Њујорк се соочува со значителни предизвици поради опасноста од поплави.
Заканата од покачување на нивото на морето е три до четири пати повеќе од глобалниот просек по должината на атлантскиот брег на Северна Америка.
Голема концентрација на њујорчани се соочува со различни степени на опасност од поплави, се вели во извештајот, кој не потсетува дека „Големото јаболко“ веќе ги претрпе последиците за кои предупредуваат.
Двата неодамнешни урагани предизвикаа жртви и голема штета во Њујорк – Сенди исфрли морска вода во градот во 2012 година, додека обилните врнежи од ураганот Ајда во 2021 година ги преплавија системите за одводнување.
Слична, но потешка судбина има индонезиската престолнина Џакарта, која според експертите има многу проблеми, а еден од нив е тоа што тоне со многу побрзо темпо од Њујорк.
Одредени делови од градот тонат повеќе од една нога годишно (30,48 см), поради што предвидувањата велат дека барем четвртина од главниот град на Индонезија ќе биде под вода до 2050 година, доколку ништо не се промени.
Затоа, голем дел од 30-те милиони жители на Џакарта ќе мора да се преселат во блиска иднина.
Зголемувањето на нивото на морето му се заканува на еден од најгусто населените градови во светот, со 10 милиони луѓе кои живеат на површина од половина од Њујорк, а уште 20 милиони во околниот регион.
Претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, во деветтата година од неговиот претседателски мандат донесе, за да се справи со оваа закана, храбра одлука да го пресели главниот град на земјата следната година – пред крајот на неговиот втор мандат, кој според законот е негов последен.
Новиот главен град, кој сега се гради, се вика Нусантара. Идната престолнина се гради од темел, на околу 1.300 километри од Џакарта.
Јоко Видодо ветува дека за неколку децении градот ќе биде модел на управување со животната средина, јаглеродно неутрален.
Подготвено од А.Ѓ.