10.05.2023 Скопје
Јапонскиот амбасадор во САД, Који Томита, изјави дека Јапонија работи на отворање канцеларија за врски на НАТО во Токио.
„Тоа е само еден од сегментите на кои работиме во врска со зајакнувањето на нашето партнерство“, рече тој и додаде дека нема конечна потврда за тоа, но дека многу се работи на тоа.
Канцеларијата за врски ќе ја олесни комуникацијата на алијансата со партнерите како Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд, првенствено во контекст на геополитичките предизвици како што се Кина и Русија.
„Имаме канцеларии и аранжмани за врски со голем број меѓународни организации и земји партнери и редовно сме оценувани од сојузниците за да се осигураат дека тие најдобро служат на нашите потреби“, рече претходно портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску.
Таа додаде дека НАТО има блиско партнерство со Јапонија кое продолжува да се подобрува.
„Практичната соработка опфаќа широк спектар области, вклучувајќи сајбер одбрана, поморска безбедност, наука и технологија, човекова безбедност, хуманитарна помош, како и помош при катастрофи“, истакна таа.
Се вели дека предложената канцеларија ќе биде отворена следната година во Токио, но сè уште се преговара за детали како дали Јапонија ќе го обезбеди просторот или дали НАТО ќе го финансира.
Алијансата има слични канцеларии за врски во Њујорк, Виена, Украина и на други места.
Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, во јануари ја посети Јапонија и вети со премиерот Фумија Кишида дека ќе ги зајакне врските пред историските безбедносни предизвици, мислејќи на руската специјална воена операција на тлото на Украина и растечката воена моќ на Кина.
Подготвено од А.Ѓ.