rabota vo germanija

15.05.2023 Скопје

Германската економија никако не успева да го реши проблемот со недостигот на работна сила, а владата се надева дека барем малку ќе го ублажи со либерализација на имиграцијата.

Министерот за труд Хубертус Хејл изјави дека Германија ќе создаде „еден од најсовремените имиграциски режими во Европа“ за да го ублажи недостигот на работници што стана „вистинска кочница за економскиот раст“.

Министерот Хејл истакна дека имиграциската реформа е дел од пошироката кампања на владата на канцеларот Олаф Шолц, чија цел е да привлече талентирани работници од целиот свет, да го ублажи влијанието на неповолните демографски трендови и да овозможи прилив на доволен број квалификувани работници, што стана водечки проблем за некои од најголемите европски компании.

Исто така, Хејл додаде дека постои „очајна“ потрага по работници во многу сектори на германската индустрија, а ситуацијата само ќе се влошува во иднина, имајќи предвид дека генерацијата на бејби бум полека заминува во пензија.

„На Германија ќе и недостигаат седум милиони работници до 2035 година, ако не преземеме нешто. И тоа на крајот може да стане вистинска кочница за нашиот економски раст , рече Хејл.

Изменетата регулатива за имиграција, која треба да ја одобри Бундестагот во следните неколку недели, ќе отстрани многу од постоечките бариери за имиграцијата и вработувањето на странци во Германија.

На пример, странците ќе можат да се вработат иако немаат професионална квалификација според германските стандарди.

„Ќе им биде доволно да имаат договор за работа со германски работодавач, одредено работно искуство и да имаат завршено стручно образование во својата земја“, додаде министерот.

Германија ќе воведе и „карти за можности“ кои ќе им овозможат на имигрантите да собираат поени врз основа на нивното стручно образование и работно искуство, познавање на германски јазик и возраст под 35 години.

„Кој има доволно поени ќе може да дојде во Германија и да бара работа“, рече Хејл, кој таа министерска функција ја извршува од 2018 година.

Друг закон кој наскоро ќе биде упатен во собраниска процедура ќе им овозможи на странците полесно да добијат германско државјанство.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author