31.05.2023 Скопје
На северот на Косово и Метохија ноќта помина мирно, немаше инциденти, а денеска се очекува голем број граѓани да се соберат пред општинските згради во Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, околу кои припадниците на КФОР поставуваат бодликава жица.
Утринава почнаа собирите пред општинските згради, како што вчера најави поранешниот претседател на општинското собрание на Звечан, Срѓан Милосављевиќ.
Граѓаните бараат единиците на РОСУ да се повлечат од северот на Косово и Метохија, да не влегуваат дивите градоначалници во општинските згради и да бидат ослободени од притвор Радош Петровиќ и Душан Обреновиќ, кои беа уапсени пред два дена.
Ситуацијата на северот на Косово и Метохија ескалираше во петокот, на 26 мај, откако полицијата на самопрогласеното Косово ги окупираше општинските простории во општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.
Полицијата имала намера да им дозволи на нелегалните градоначалници да стапат на должност, по изборите кои ги бојкотираа Србите и на кои излезноста беше помала од 3,5 отсто.
Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, изјави дека откажувањето на учеството на Косово на вежбата „Дефендер Европа 2023“ е првата последица за владата на самопрогласено Косово, која ги отфрли повиците на Вашингтон за деескалација на ситуацијата на северот.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен објави дека одлуката на владата во Приштина насилно да влезе во општинските згради на северот на покраината силно и непотребно ги ескалира тензиите.
Блинкен ги повика сите страни да преземат итни мерки за деескалација на тензиите.
„Премиерот Курти и неговата влада треба да се погрижат избраните градоначалници да ги извршуваат своите привремени должности од алтернативни локации надвор од општинските згради и да ги повлечат полициските сили од областа“, рече Блинкен во изјавата на Стејт департментот.
Од претседателот Александар Вучиќ и од Владата на Србија беше побарано „да го намалат безбедносниот статус на вооружените сили и да ги повикаат Србите на Косово и Метохија да престанат да го предизвикуваат КФОР и да се воздржат од понатамошно насилство“, нагласи Блинкен во изјавата.
САД го осудија, како што велат, неприфатливото насилство врз членовите на КФОР, полицијата и новинарите на Косово и Метохија и ги повикаа Приштина и Белград веднаш да се посветат на дијалогот предводен од ЕУ за нормализирање на односите.
Подготвено од А.Ѓ.