https://www.facebook.com/photo?fbid=179116191778485&set=pcb.179116328445138

25.05.2023 Скопје

Министерот за здравство Фатмир Меџити, присуствуваше на денешниот настан за промоција на „Мое здравје“, апликација достапна за Андроид и Епл телефони за пристап до целосните здравствени податоци во нивната медицинска историја – рецепти, дијагнози, третмани и примени вакцини, како и до податоците за своите деца доколку се водат под здравствено осигурување на родителот.

Министерот истакна дека пациентите сега ја имаат моќта на информацијата во свои раце и дека сите податоци се синхронизирани со оние во „Мој термин“, односно дека сите здравствени установи во државата се поврзани со апликацијата „Мое здравје“ и пациентите ќе имаат достапност до своите резултати веднаш штом се достапни, исто како што досега тоа следење го правеа нивните матични доктори во „Мој термин“.

Со „Мое здравје“ достапни ви се реализираните прегледи кај матичен лекар, специјалистички, лабораториски, дијагностички и болниччки упати, рецепти, вакцини кои ги имате примено. За секоја од овие групи на податоци се добиваат повеќе информации како датум на закажан преглед, датум на извршување на услугата, здравствена установа и здравствен работник кој ја извршил услугата, извештаи, резултати и отпусни писма, сертификати и решенија за вакцинација.

Начинот на пристап до „Мое здравје“ е преку внесување на еID (се креира на сајтот uslugi.gov.mk). Пациентите мора да внимаваат нивниот eID да не дојде во рацете на друг човек, бидејќи така тој ќе има пристап до нивната здравствена историја и медицинска документација. На компјутер до платформата може да пристапите на адресата https://e-zdravstvo.mk/mk/moe-zdravje.

Апликацијата „Мое здравје“ е достапна на македонски, англиски и албански јазик.

Подготвено од М.Н.

About Author