10.05.2023 Скопје
Најновите отпуштања во технолошката сфера ги бележи LinkedIn, компанија која затвора 716 работни места од 20.000 вработени.
Социјалната мрежа, која се фокусира на деловните профили, ќе ја прекине и својата локална апликација за регрутирање во Кина.
Во писмото на главниот извршен директор на компанијата, Рајан Рослански, се наведува дека овој потег има за цел да го рационализира работењето на компанијата.
Во изминатите шест месеци, компаниите, вклучувајќи ги Amazon, LinkedIn, Microsoft и Alphabet, најавија отпуштања.
„Како што побарувачката на пазарот се повеќе флуктуира, и за поефикасно да им служиме на пазарите во развој и во раст, ја прошируваме нашата употреба на добавувачи“, напиша Рослански.
Тој, исто така, рече дека промените ќе резултираат со отворање на 250 нови работни места за кои ќе можат да аплицираат вработените погодени од овие мерки во тимовите за продажба, работење и поддршка.
По повлекувањето од Кина во најголем дел во 2021 година, наведувајќи ја „предизвикувачката средина“, преостанатата апликација, наречена InCareers, исто така ќе биде затворена до 9 август. Патем, InCareers го покрива само кинескиот пазар.
Портпаролот на LinkedIn рече дека компанијата ќе одржи присуство во Кина за да им помогне на компаниите кои работат таму да ангажираат и обучуваат вработени надвор од земјата.
LinkedIn е единствената голема западна платформа за социјално вмрежување која работи во Кина.
Кога започна во 2014 година, фирмата се согласи да ги исполни барањата на кинеската влада за да работи таму.
Во тоа време, американскиот сенатор Рик Скот го нарече овој потег „грубо смирување и чин на потчинување на комунистичка Кина“, во писмо до извршниот директор на LinkedIn, Рајан Рослански и шефот на Microsoft, Сати Надела.
Подготвено од А.Ѓ.