01.05.2023 Скопје
Премиерот на Косово, Албин Курти, пред новата рунда дијалог за нормализација на односите со Србија изјави дека нема да дозволи создавање на некоја форма на Република Српска на северот на Косово.
На средбата меѓу Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел на 2 мај, ќе биде претставен нацрт-статусот на општините на северот на Косово, каде живеат мнозинство Срби, што е клучна точка на овие преговори.
Српската страна има приоритет на формирање на заедница на општини со српско мнозинство на северот на Косово, што е предвидено со бриселскиот договор за нормализација на односите од 2013 година.
Косово, од друга страна, се обидува да ја спречи таа заедница да има извршни овластувања, нагласувајќи дека не сака нешто како Република Српска во БиХ на нејзина територија.
Курти истакна дека им служи на сите граѓани на Косово без разлика на етнички идентитет, социјална припадност или верска припадност и дека во Брисел ќе обезбеди уставност и законитост на целата територија на Косово.
„Територијалниот суверенитет и интегритет се нешто што не смее да се нарушува. Сакам нормални односи со Србија, европски односи, добрососедски односи. Заштитата на малцинствата ни е важна. Но, ние не можеме да и дадеме извршни овластувања на локалната заедница бидејќи извршните овластувања припаѓаат до Владата и општините“, нагласи Курти.
Подготвено од М.Н.