31.05.2023 Скопје
По реакциите од Вашингтон и најавените санкции за властите во Приштина поради инцидентите со општинските згради на северот на Косово, претседателот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, изјави дека Албин Курти и Вјоса Османи за неполни три години на власт не постигнале ниту еден успех без да го „свртат наопаку“ и дека за толку кратко време „го вратиле Косово во времето пред десет години“.
Харадинај истакна дека премиерот Курти и претседателката на Косово, Османи, треба веднаш да поднесат оставки бидејќи само така ќе можат да допринесат за доброто на Косово.
„Имаше и други во историјата на Косово кои сакаа да ги уништат овие сојузи, но Косово беше поголемо од нив и триумфираше. Нема друга алтернатива освен да триумфира овој пат. Народот на Косово, кој е најпрозападниот народ на континентот, ќе знае како да ги заштити своите пријатели и нивната ориентација“, изјави Харадинај.
Подготвено од М.Н.