06.05.2023 Скопје
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, во рамки на посетата на САД, се обрати на прием по повод 5 мај – Денот на македонскиот јазик.
„Денеска, 5 мај, оддаваме почит на македонскиот јазик и на сите создатели на писмениот, литературен и стандарден македонски јазик. Владата на Република Северна Македонија во 2019 година овој ден го прогласи за Ден на македонскиот јазик во чест на 5 мај 1945 година кога Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо во државата. Се гордеам што како држава, како народ, успеавме да добиеме шанса и статусот на македонскиот стандарден јазик да го втемелиме во европското законодавство. Да биде признат и почитуван од нашите меѓународни пријатели, дипломати, државници, да биде рамноправен со сите други јазици кои се зборуваат во Европската Унија. Знае професорот Малески којшто е тука и амбасадорот Фрчковски какви се предизвици имавме и имале и какви јас имав во делот на преговорите на практично внесување на македонскиот јазик во ОН потоа во НАТО, финално во јазиците на ЕУ, меѓутоа со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС и неговата ратификација, македонскиот јазик се издигна на рамноправно рамниште со сите други јазици кои се зборуваат во Европската Унија“, истакна Ковачевски.
Со заштитата на македонскиот јазик е заштитен и македонскиот идентитет, македонската култура и се втемелени како дел од мозаикот на европските јазици и европската разноликост.
„Македонскиот јазик го обликува нашиот идентитет, нашето културно наследство, па затоа нашиот услов од кој не отстапивме пред почетокот на преговорите беше македонскиот јазик да биде службен и единствен официјален јазик. Историски успех е што на македонски јазик ќе се зборува официјално и во Брисел и во сите европски престолнини. За идентитетот и јазикот не постојат фусноти, додавки, објаснувања, ѕвездички – македонски јазик е македонски јазик“, додаде премиерот Ковачевски.
Подготвено од А.Ѓ.