31.05.2023 Скопје
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на Глобалниот безбедносен Форум на ГЛОБСЕК 2023, ја потенцираше важноста што Северна Македонија е земја фактор на стабилност во регионот.
Државата во меѓународни рамки е препознаена за пример која што низ добрососедски односи, низ дипломатски напори успеа да ги реши големите предизвици и проблеми со кои се соочуваше.
Ковачевски посочи дека преку искуството кое што го имавме како држава, не може да се најде идeнтично решение за одредени предизвици меѓу земјите во регионот, но може таквите искуства да се пресликаат.
„Ако го прочитате извештајот на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, ќе најдете еден пример на одржлив договор којшто решава идентитески прашања во една земја, а тоа е Охридскиот рамковен договор во Северна Македонија.
Тој договор е потпишан по конфликт во Северна Македонија меѓу двете најголеми етнички заедници Македонците и Албанците. Оттогаш Северна Македонија е пример за земја која покажа дека преку дипломатија, преку преговори и преку спроведување на договореното може да се напредне од земја која што била корисник на странски или меѓународни воени мисии за одржување на мирот.
Ако првата мисија на ОН беше кај нас, денес сме фактор на стабилност на Балканот, членки сме на НАТО, земја која започна преговори со ЕУ, претседаваме со ОБСЕ годинава. А тука се и договорите од Берлинскиот процес од шесторката од Западен Балкан“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот, на безбедносниот Форум, говореше и за реформските процеси на кои е фокусирана Владата, како би се задоволиле формалните критериуми за членство на Северна Македонија во Европската Унија.
Подготвено од А.Ѓ.