03.05.2023 Скопје
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во свое име и во име на Владата на Република Северна Македонија го честита Светскиот ден на слободата на медиумите на сите професионални новинари кои придонесуваат во демократизацијата на општеството.
Ковачевски го честита денешниот Светски ден на слободата на медиумите, истакувајќи дека Република Северна Македонија бележи нов напредок во слободата на медиумите и во најновиот Извештај на меѓународната организација „Репортери без граници“ е рангирана на 38 место од 180 земји во светот.
„Во 2016 година, државава беше на 118 место, од 180 држави. Ова е доказ на дело за демократските и европски определби на Владата и нашето категорично Да – за слободата на говор и независноста на медиумите“, додаде Ковачевски.
Премиерот Ковачевски повика на заедничка партнерска борба со дезинформациите, во име на правото на граѓаните да ја знаат вистината.
„Слободата на изразување е двигател на сите други човекови права! Овозможува дијалог, гради разбирање и го зголемува јавното знаење, придонесува за аналитичност на одлуките што ги носиме и води до подобри политики”, истакна премиерот Ковачевски.
Подготвено од А.Ѓ.